Зградата била импозантна, со повеќе сали и раскошен ентериер. Спроти неа била изградена Народната банка во 1932 година. Пред нив биле подигнати и две фонтани со разнобојни светилки, а пред Камениот мост биле поставени и два монументални споменика: на кралот Петар I и на кралот Александар I Караѓорѓевиќ претставени на коњи во генералски униформи и пелерини. На плоштадот, заедно со кафеаните „Метропол“ и „Магер“, покрај Ристиќевата палата се наоѓала и зградата на Мацура, така што тие заедно со други објекти го чинеле јадрото на градот Скопје во тој период. Зад Офицерскиот дом се наоѓала новата зграда – палатата на Поштата и телеграфот, а пак Банската палата е, всушност, зградата на денешното Собрание.
Изградбата на големиот број јавни објекти, но и на самиот плоштад во градот Скопје во периодот меѓу двете светски војни била резултат на конечниот регулациски план на градот во 1929 година, кога претседател на општинското Поглаварство бил Јосиф Михаиловиќ.
Плоштадот добива нов лик во времето на Втората светска војна, кога градот се наоѓа под бугарска окупација. Во тој период, претходно споменатите фонтани и споменици биле урнати, била извадена калдрмата од големи коцки и заменета со таква со мали, а плоштадот бил проширен. Преуредувањето било направено заради одржувањето на воените паради на бугарската армија.
Ослободувањето на градот во 1944 година и влегувањето на Македонија во рамките на Југословенската Федерација значело и преименување на плоштадот во „Маршал Тито“. Тука се одржувале воени паради и други манифестации кои, практично, ја обликувале новата колективна меморија: пречек и испраќање на Титовата штафета, прослави на градот и на Републиката по повод јубилеи, пионерски смотри итн.
До земјотресот, плоштадот бил познат по гулабите кои ги имало во голем број, а за кои се грижел стариот чичко Рампо. Привлечноста на градскиот плоштад во тој период била надополнета со Цветниот пазар, чистачите на чевли, особено познатиот Панта, со продавачите на стари книги итн.
Во земјотресот во 1963 година, еден дел од изградените јавни објекти биле оштетени или разурнати. Особено значајни штети претрпеле Офицерскиот дом, Народната банка, Музејот и др.
Денес сите патишта водат кон главниот градски плоштад „Македонија“. Тука се одржуваат едни од најважните и најспектакуларните настани, како дочекот на Новата година, кога скопјани се и најмасовни во посетата. На плоштадот, исто така, се одржуваат и многубројни хуманитарни акции, културни настани на отворено, митинзи на политички партии. Овој простор денес претставува епицентар, тој е вистински музеј на отворено со голем број споменици и скулптури.