• Местоположба на Скопска чаршија

Старата Скопска Чаршија е трговски и културно-историски дел во Скопје и една од најголемите знаменитости на градот. Се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава. Според административната поделба на градот, просторот на чаршијата се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар. Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век.

  • Отомански белег на Скопска чаршија

Во време на отоманското владеење со Скопје, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот. Во неа се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови, како и други турски споменици. Скопска Чаршија претрпела големи штети со земјотресите од 1555 и 1963 година, пожарот во 1689 година, како и двете светски војни, по што неколку пати била обновувана. Но и покрај претрпените штети, чаршијата претставува единствен споменик на културата во Македонија. Во неа се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации, кои учествувале во нејзиното создавање.

 

Во Скопска Чаршија преовладува отоманската архитектура, иако се забележителни и остатоци од византиската, а во последно време се забележува и примената на модернистичката архитектура. Голем број од градбите кои некогаш служеле како преноќевалишта за трговските патници или како амами за намесниците и управителите во градот се пренаменети и служат како простор за одржување на културно-уметнички настани.

На просторот на Скопска Чаршија и во нејзината околина се останати и неколку џамии, турбиња, две цркви и саат-кула. Во втората половина на XX век биле изградени и зградите кои го сочинуваат Музејот на Македонија и зградата на Музејот на современата уметност. За развитокот на Скопска Чаршија низ историјата, нејзината културна вредност и занаетите кои биле застапени на просторот сведочат предметите изложени во Музејот на Старата Скопска Чаршија, сместен во рамките на Сули ан.

mk_MK